Астрономска слика на денот

Откриј го космосот! Дневна слика за астрономијата и астронаутиката со кратко објаснување од астрономите.


07 јануари 2026

Simeis 147: Остаток од супернова „Шпагети маглина“

Кредит за слика & авторски права: Saverio Ferretti

Објаснување: Народниот прекар ѝ е Шпагети маглината. Официјално е заведена како Simeis 147 и Sharpless 2-240, а лесно е човек да се изгуби следејќи ги нејзините извртени и испреплетени нишки во овој сложен остаток од супернова. Видлива е кон границата меѓу соѕвездијата Бик (Taurus) и Кочијаш (Auriga), а импресивната гасна структура зафаќа речиси 3 степени на небото — што одговара на 6 полни Месечини. Тоа е околу 150 светлосни години, на проценетата оддалеченост од 3.000 светлосни години до облакот од ѕвездени остатоци. Се проценува дека остатокот од суперновата е стар околу 40.000 години, што значи дека светлината од оваа моќна ѕвездена експлозија првпат стигнала до Земјата во време кога волнените мамути сè уште шетале слободно. Покрај проширувачкиот остаток, оваа космичка катастрофа зад себе оставила и пулсар — брзо ротирачка неутронска ѕвезда, остаток од јадрото на првичната ѕвезда. Прикажаната слика е направена минатиот месец од Forca Canapine, Италија.

Утрешната слика:: Скриена галаксија во Жирафата




Оригинална страна: АПОД на англиски јазик


Автори & уредници: Роберт Немироф (MTУ) & Џери Бонел (УМЦП)
NASA официјално: Амбер Строн Се применуваат посебни права.
НАСА веб приватност, Пристапност, Известувања;
Услуга од: АСД код НАСА / ГФСЦ,
НАСА научна активација
& Мичиген Тех.У.


Дневниот превод на АПОД на македонски јазик ја поврзува современата наука со македонската јазична традиција.
За NASA APOD на македонски јазик преведуваат: Киро Стојанов & Дипл инг Др Љиљана Грачанин
-- СИТЕ АПОД ПРЕВОДО НА ЉИЉАНА ГРАЧАНИН --
Им се заблагодарувам на техничката помош
АПОД Екипа & Саша Грачанин
e-astronomy